Европските лидери, предводени од францускиот претседател Емануел Макрон, дадоа силна поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски во контекст на мировните преговори со Русија. Средбата се одржа во Париз, а Зеленски беше пречекан со почест и поддржан од десетина европски лидери, меѓу кои и претставници од Велика Британија, Италија, Полска и Европската Унија.
„Војната мора да заврши што е можно поскоро. Сега многу зависи од вклученоста на секој лидер“, напиша Зеленски на социјалните мрежи, истакнувајќи дека приоритетите на Украина се одржување на суверенитетот и обезбедување сигурни безбедносни гаранции.
Францускиот претседател Макрон порача дека само Украина може да одлучува за своите територии и нагласи дека Русија не покажува намера да ја запре својата агресија. Тој додаде дека мировниот план со Русија може да се финализира само со учество на Киев и европските партнери.
„За прашањата како замрзнатите средства, безбедносните гаранции и пристапувањето кон Европската унија, одлуката може да се донесе само со Украина и Европејците на маса. Сè уште сме во прелиминарна фаза“, рече Макрон, нагласувајќи дека територијалните прашања се најголемиот предизвик во преговорите.

















