Белорускиот претседател Александар Лукашенко изнесе шокантни детали за наводно планиран напад врз канцеларијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.
Според него, рускиот лидер Владимир Путин добил предлог да се изведе удар со најновиот ракетен систем „Орешник“ врз претседателската зграда на улицата Банкова. Лукашенко откри дека Путин категорично одбил да даде зелено светло за таква операција.
„Ни случајно“, наводно одговорил Путин на иницијативата, пренесе Лукашенко.
Овие изјави доаѓаат во пресрет на заедничките воени вежби „Запад-2025“, кои Русија и Белорусија ги подготвуваат за септември. Тие ќе вклучуваат и сценарија со употреба на „Орешник“, систем кој за првпат беше користен минатата година во напад врз фабриката „Јужмаш“ во Днепропетровск.
Москва тогаш соопшти дека акцијата била одмазда за дозволата на западните земји украинската армија да користи нивно оружје за напади длабоко на руска територија.
Самиот факт дека бил разгледуван напад врз најчуваната зграда во Киев покажува колку опасна може да стане ситуацијата, а изјавата на Лукашенко отвора нови прашања за вистинските планови на Кремљ.