Украинската престолнина Киев повторно беше цел на жесток руски напад, изведен со балистички ракети и беспилотни летала во текот на ноќта. Според началникот на Воената администрација на градот, Тимур Ткаченко, две лица го загубиле животот, а најмалку 13 се повредени.
„За жал, имаме две потврдени смртни случаи. Овие луѓе беа убиени од Руси. Тоа е ужасна загуба“, објави Ткаченко на Телеграм, со силна порака за трагичноста на настанот.
Како што пренесува украинскиот јавен сервис „Суспилне“, една од главните цели на масовниот ноќен напад бил токму Киев, каде експлозии и сирени ги разбудиле граѓаните во сред ноќ. Нападот предизвикал материјална штета и вознемиреност кај населението, кое и понатаму живее под закана од постојани воздушни напади.
Овој интензивен удар е уште еден во низата на напади врз урбаните центри на Украина, со кои руските сили се обидуваат да нанесат психолошка и воена штета. Киeв останува под засилена заштита, но последиците од нападите сè повеќе се чувствуваат, и човечки и инфраструктурно.