По повеќе од четири децении работа, познатата скијачка жичница во австриското место Пустервалд, во покраината Штаерска, засекогаш престанува да функционира.
Причините за затворањето се недостигот на снег, високите трошоци за одржување и сè построгите технички прописи, кои го направиле понатамошното работење финансиски неодржливо.
Жичницата била пуштена во употреба во 1985 година и со децении претставувала важен дел од зимската туристичка понуда на оваа мала австриска општина.
Сепак, во последните две зимски сезони таа не работела ниту еден ден, бидејќи немало доволно снег за безбедно и нормално скијање.
Општинскиот совет едногласно одлучил жичницата трајно да биде затворена.
Градоначалникот Фриц Штралхофер признал дека одлуката била особено тешка за него, бидејќи токму на ова место како дете ги направил своите први скијачки чекори.
Општината разгледувала можност за поставување систем за вештачко оснежување, но инвестицијата била премногу скапа.
Биле направени и обиди да се пронајде нов оператор или здружение што би го презело управувањето со жичницата, но без успех.
„Се обидовме да најдеме можности за продолжување на работата, но за жал, не успеавме да најдеме долгорочно одржливо решение“, изјавил градоначалникот.
И покрај затворањето, Пустервалд планира да продолжи со развој на други рекреативни содржини, меѓу кои ново лизгалиште и активности што не зависат од големи количества снег.
„Нашата скијачка жичница засекогаш ќе остане дел од историјата на Пустервалд“, порача Штралхофер.
Затворањето претставува уште еден пример за предизвиците со кои се соочуваат малите скијачки центри во Европа, особено поради непредвидливите зимски услови и зголемените оперативни трошоци.







