ПРВ.мк
Свет

Колумбија со радикален план: Најопасните криминалци ќе ги изолира на затворски брод среде море

Колумбија со радикален план: Најопасните криминалци ќе ги изолира на затворски брод среде море

Колумбиските власти подготвуваат необичен план во борбата против организираниот криминал – брод на морнарицата да биде претворен во затвор со висока безбедност, во кој би биле изолирани водачите на најопасните криминални организации.

Претседателот Абелардо де ла Есприела повторно го претстави планот, кој предвидува и изградба на повеќе мега-затвори во соработка со приватниот сектор.

Министерствата за одбрана и правда, заедно со Националниот институт за казнени установи и затвори (INPEC), работат на проектот за адаптација на брод на колумбиската морнарица.

Главната цел е криминалните босови да бидат целосно изолирани и да им се оневозможи од затвор да организираат изнуди, закани, трговија со дрога и други криминални активности преку мобилни телефони и своите мрежи на слобода.

Според извори од затворскиот систем што ги пренесуваат локалните медиуми, идејата би можела да стане реалност во следните неколку месеци.

Проблемот со криминалците кои продолжуваат да ги водат своите операции и зад решетки со години претставува сериозен предизвик за Колумбија. Во јавноста претходно се појавуваа и снимки на затворени водачи на банди кои наводно упатувале закани и барале пари од граѓани додека ја издржувале казната.

Идејата за затворски бродови, сепак, не е целосно нова за земјата. Пред околу две децении, за време на власта на Алваро Урибе, некои од најопасните криминалци биле привремено сместувани на воени бродови за да се спречи нивното влијание врз затворскиот систем и контактите со криминалните организации.

Меѓу нив бил и наркобосот Диего Фернандез Монтоја, познат како „Дон Диего“, кој подоцна беше екстрадиран во САД.

Де ла Есприела уште за време на претседателската кампања најавуваше изградба на десет мега-затвори. Засега не е познато каде би биле изградени, но проектот за затворски брод треба да обезбеди максимална изолација за криминалните водачи кои и зад решетки продолжуваат да претставуваат безбедносна закана.