Кинеските власти денес ја оценија како „неодговорна“ изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој тврдеше дека Кина била свесна дека Русија регрутира кинески државјани за да се борат на нејзина страна во Украина.
Зеленски во средата изјави дека Киев има информации за 155 кинески државјани кои ѝ помагаат на Москва во нејзината инвазија. Претходниот ден, тој објави дека украинската војска заробила двајца кинески војници во регионот Донецк, на истокот од Украина.
Украинскиот претседател изјави дека Кина знае оти Русија регрутира десетици нејзини државјани за борби на украинска територија.
На новинарско прашање во врска со овие наводи, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Ѓиен, денес порача:
„Советуваме засегнатите страни да имаат објективен и разумен став за улогата на Кина и да се воздржат од неосновани и неодговорни изјави.“
Тој додаде дека кинеската влада отсекогаш ги повикува своите граѓани да се држат подалеку од зони на конфликт и строго да избегнуваат учество во воени операции од која било страна.
„Сакам уште еднаш да нагласам – Кина не е ниту иницијатор на украинската криза, ниту е страна во неа. Ние сме искрени поддржувачи и активни промотери на мирно решение,“ рече Лин.
Кина постојано повикува на почитување на територијалниот интегритет на сите држави, вклучувајќи ја и Украина, и се претставува како неутрална страна која може да придонесе во пронаоѓањето на политичко решение.
Сепак, Пекинг никогаш јавно не ја осуди Москва за воената интервенција и од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, ја зајакна економската, воената и политичката соработка со Русија.
Западните држави често ја критикуваат кинеската позиција, повикувајќи ја да изврши притисок врз Москва да го запре војувањето.
„Руските власти вовлекуваат и други земји во војната. Верувам дека сега ја вовлекуваат и Кина,“ изјави Зеленски во средата пред група новинари.
Тој додаде дека ова е „намерен чекор за продолжување на војната“, со кој Москва ја покажува својата намера.