Латвија се соочува со сериозен кибербезбедносен инцидент откако при напад врз Управата за безбедност на патниот сообраќај (CSDD) биле украдени податоци поврзани со околу 1,2 милиони лица и 200.000 компании.
Нападот се случил минатата недела, а меѓу компромитираните информации се имиња и презимиња, адреси, регистарски ознаки, податоци поврзани со возила, како и одредени информации за плаќања.
Засега не е утврдено кој стои зад нападот, ниту од каде бил извршен.
Латвискиот премиер Андрис Кулберг не ја исклучил можноста нападот да потекнува од странство и наредил да биде спроведена истрага за целиот случај.
Дополнителен проблем предизвикал фактот што премиерот, според неговите зборови, не бил навремено информиран за размерите на кражбата. Поради тоа тој упатил критики до раководството на CSDD.
Надлежните институции за сајбер-безбедност предупредуваат дека украдените информации би можеле да бидат искористени за измами и други злоупотреби, поради што граѓаните треба да бидат особено внимателни на сомнителни пораки и обиди за прибирање дополнителни лични информации.
Инцидентот доаѓа само неколку месеци по друг сериозен хакерски напад врз латвиска државна институција. Во јуни мета била државната управа за шумарство.
Премиерот оцени дека два големи кибер-инциденти во релативно краток период се предупредување дека државата мора дополнително да ја зајакне заштитата на своите информациски системи.
„Ова сега буквално е прашање на национална безбедност“, порача Кулберг.








