Несекојдневен инцидент се случил на лет на „Туркиш ерлајнс“ кон Германија, кога патник физички нападнал стјуардеса откако не му било дозволено да го смени седиштето. Случајот веднаш бил пријавен на полицијата по слетувањето на авионот во Дизелдорф.
Според информациите на германскиот „Билд“, 29-годишен германски државјанин со турско потекло одбил да седи на своето резервирано место затоа што до него седела жена.
Патникот побарал да биде преместен на друго седиште, повикувајќи се на шеријатскиот закон, но член на кабинскиот екипаж го одбил неговото барање.
Според сведоците, по одбивањето на барањето, мажот ја удрил стјуардесата, предизвикувајќи инцидент во авионот.
По слетувањето на аеродромот во Дизелдорф веднаш била повикана Федералната полиција, која започнала истрага за случајот.
Надлежните соопштиле дека осомничениот признал оти физички ја нападнал стјуардесата, а против него се води соодветна постапка.
Инцидентот се случил на 1 јули, а германските власти продолжуваат да ги утврдуваат сите околности поврзани со случајот.







