ПРВ.мк
Свет

„Или Америка или Иран“: Трамп им се јавува на светските лидери и бара да изберат страна

„Или Америка или Иран“: Трамп им се јавува на светските лидери и бара да изберат страна

Соединетите Американски Држави најавија ново заострување на економскиот притисок врз Иран, со мерки насочени кон пет клучни области – дигитални средства, технологија, злато, авијација и поморски транспорт.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент ја претстави кампањата наречена „Операција Економски Отпадник“, чија цел е дополнително да се изолира Техеран од меѓународниот финансиски систем и да се ограничат приходите на иранските власти.

Новата стратегија нема да биде насочена само кон Иран. Под притисок би можеле да се најдат и држави, компании и финансиски институции кои ќе продолжат да соработуваат со Техеран.

„Ќе им го прекинеме пристапот до доларскиот систем на оние што перат ирански пари“, порача Бесент, предупредувајќи дека Вашингтон е подготвен да користи и секундарни санкции.

Според него, американскиот претседател Доналд Трамп лично контактира со светски лидери и бара од нив да ги прекинат економските односи со иранските власти.

„Или Америка или Иран“

Бесент ја опиша американската позиција со директна порака:

„Тие мора да донесат одлука: или Америка или Иран.“

На државите им е оставен рок да ја преиспитаат соработката со Техеран, по што Вашингтон би можел да преземе еднострани мерки.

Особено чувствително е прашањето за Кина, која е најголемиот купувач на иранска нафта. Бесент не навлезе во конкретните можни последици за Пекинг, но порача дека никој не е надвор од дофатот на американските секундарни санкции.

Иран најавува одговор

Техеран порача дека нема да попушти под американскиот притисок и дека ќе ги искористи расположливите механизми за спротивставување на санкциите.

Уште поостра порака упати Мохсен Резаи, кој предупреди дека поддршката на американската економска кампања против Иран би можела да биде третирана како непријателски чин.

Новата американска стратегија доаѓа во период на високи тензии и сериозни економски проблеми во Иран, каде што ријалот е под силен притисок, а земјата се соочува со висока инфлација и незадоволство кај населението.