Во еден од најголемите светски мегаполиси се случува нешто што ретко кој би го очекувал. Во текот на 2025 година, во Токио биле предадени изгубени пари во вредност од дури 4,5 милијарди јени – околу 26,7 милиони евра. Ова е благ пораст во однос на претходната година и уште една потврда за високото ниво на граѓанска одговорност во Јапонија.
Според податоците на Токиската метрополитенска полиција, најголемиот поединечен износ што бил донесен како изгубен достигнал 27 милиони јени, односно околу 160.000 евра. Повеќе од 70 проценти од случаите се случиле на јавни места – најчесто кога граѓани заборавале кусур во продавници или оставале пари во автоматизирани каси.
Од вкупната сума, околу 3,23 милијарди јени им биле вратени на сопствениците, додека приближно 680 милиони јени преминале во приход на градските власти, откако никој не ги побарал во законскиот рок.
Не станува збор само за пари. Вредноста на предадените изгубени предмети достигнала рекордни 4,5 милиони јени. Најчесто биле враќани лични документи – над 820.000 парчиња, меѓу кои и возачки дозволи. Во пораст е и бројот на мали електронски уреди, особено безжични слушалки.
Во град со милиони жители, статистиката испраќа силна порака – чесноста сè уште постои, и тоа во импресивни размери.


















