Краткотрајната вознемиреност во Дубаи брзо беше заменета со организирана реакција и враќање на секојдневието. По влегување на беспилотни летала во воздушниот простор и пожар во луксузен хотел, како и привремено затворање на аеродромот, властите во Обединети Арапски Емирати веднаш издале насоки до жителите да останат во своите домови и да се тргнат од прозорците.
Српска државјанка која повеќе од десет години живее таму раскажува дека првичниот страв бил најсилен во моментите кога се слушнале детонациите. Но, откако станало јасно дека нема масовни напади, паниката спласнала. Таа посочува дека ширењето (де)информации на социјалните мрежи создало дополнителна збунетост, па многумина морале да им објаснуваат на блиските што навистина се случува.
Според нејзините информации, леталата биле пресретнати, а оштетениот хотел бил погоден од дел од соборен дрон. Набргу по инцидентот, бројни компании овозможиле работа од дома, додека училиштата преминале на онлајн настава. Владата, пак, ги информирала хотелите дека ќе ги покрие трошоците за туристите кои не можат веднаш да заминат.
Иако трговските центри се посетуваат внимателно, јавниот превоз и сообраќајот функционираат без поголеми нарушувања. Плажите остануваат полни, а воздушниот сообраќај постепено се стабилизира.
Градот кој важи за симбол на луксуз и динамика уште еднаш покажа колку брзо може да се адаптира – дури и кога ќе се најде во неочекувана криза.


















