Горивото станува тема број еден кај соседите. На бензинските пумпи низ Србија се бележи нагло зголемена побарувачка – возачите ги полнат резервоарите до максимум, а дел од земјоделците купуваат дизел во канти и буриња, стравувајќи од нови поскапувања.
Сопственичката на бензински пумпи Јелена Радун изјавила дека граѓаните не чекаат – точат веднаш, а некои однапред нарачуваат количини што подоцна им се доставуваат. Таа посочила дека расте притисокот и во големопродажбата, каде што се инсистира да се почитува договорената месечна динамика на испорака.
Според неа, набавната цена на дизелот скокнала од 181 на 195 динари за литар, што е разлика од 14 динари за краток период. Ако се пресмета законската маржа, малопродажната цена би можела дополнително да се зголеми во наредните денови.
И сопственикот на синџирот пумпи Кнез Петрол, Срѓан Кнежевиќ, потврдил дека побарувачката е во пораст – околу 15 проценти на малопродажно ниво, додека на големо растот достигнува и до 35 проценти. Во само неколку дена, цените на дизелот и бензинот се коригирале повеќепати.
Сопствениците на пумпи очекуваат потег од Владата, но додека сите ја чекаат следната одлука, бројките на ценовниците продолжуваат да се менуваат речиси секој ден.


















