Германија со сериозно предупредување: Русија користи „агенти за еднократна употреба“
Германскиот Сојузен уред за заштита на уставниот поредок (BfV), кој е задолжен за внатрешна безбедност, предупредува на нова стратегија во руската разузнавачка активност – ангажирање на таканаречени „агенти за еднократна употреба“, кои дејствуваат надвор од класичната структура на тајните служби.
Растечки број активности
„Веќе со години бележиме значителен пораст на активностите на руските разузнавачки служби“, изјави заменик-директорот на BfV, Синан Селен, за агенцијата dpa. Според него, Русија сè почесто користи луѓе регрутирани преку социјалните мрежи или други дигитални канали за извршување поединечни мисии – од саботажа до собирање информации и ширење дезинформации.
Овие лица не се официјални агенти, туку обични граѓани – често со изразено проруски ставови – кои за мала финансиска надокнада прифаќаат задачи што на прв поглед изгледаат безопасно. Контактот со нив најчесто се воспоставува преку апликации за комуникација, како што е Telegram.
Замена за класичните шпиони
Примената на вакви методи се интензивирала по протерувањето на стотици руски професионални шпиони од дипломатски мисии во Европа, по почетокот на воената агресија врз Украина. „Агентите за еднократна употреба“ ја маскираат улогата на вистинските налогодавци и го отежнуваат откривањето на позадинските структури.
Селен смета дека зголеменото користење на вакви агенти е делумно и одговор на успесите на германската контраразузнавачка служба во спречување на класични шпионски операции.
Закани и апсења
Само пред неколку дена, германските власти обелоденија дека биле спречени наводни планови за саботажа на товарниот сообраќај. Во Германија и Швајцарија се уапсени тројца украински државјани, обвинети за шпионажа во корист на Русија. Сојузното државно обвинителство смета дека зад случајот стојат руски државни структури.
Постојана безбедносна закана
Германските безбедносни власти проценуваат дека руските разузнавачки активности во Европа претставуваат долгорочна и сериозна закана, независно од понатамошниот тек на војната во Украина. Како што посочуваат од BfV, таа закана останува постојано висока, а употребата на неконвенционални методи, како што се „агентите за еднократна употреба“, само го потврдува тоа.