Најдобриот играч сезонава и капитен на Барселона, 28-годишниот бразилски напаѓач Рафиња, го продолжи договорот со каталонскиот клуб за една сезона и се очекува да остане во редовите на „блауграната“ до јуни 2028 година.
Ова го објавија британските медиуми, повикувајќи се на познатиот италијански спортски новинар Фабрицио Романо, кој е еден од најдобро информираните новинари кога станува збор за трансфери на фудбалери.
Бразилскиот интернационалец, чиј тековен договор е до јуни 2027 година, беше баран од Манчестер Јунајтед, кој понуди отштета во износ од 70 милиони евра. Иако Барселона е во тешка финансиска ситуација, управата одлучи дека продажбата на Рафиња не доаѓа предвид.
Бразилскиот голгетер пристигна во Барселона во јули 2022 година од Лидс за 58 милиони евра, а оваа сезона постигна 34 гола и имаше 25 асистенции во сите натпреварувања.