Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најави значајна промена во структурата на домашните натпреварувања – од сезоната 2026/27, Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) ќе брои 10 екипи, наместо досегашните 12.
Оваа одлука беше донесена на последната седница на Управниот одбор на ФФМ, со цел зголемување на конкурентноста и подигање на квалитетот на првенството. Истовремено, промени ќе има и во Втората лига (ВМФЛ), која од сезоната 2025/26 ќе се намали од 16 на 14 клуба.
За да се обезбеди квалитетна и одржлива имплементација на овие реформи, ФФМ формираше стручна комисија во состав: Агим Ибраими, Игор Франговски и Сашо Здравевски. Нивната задача ќе биде да подготват детална анализа и конечни предлози за новиот систем на натпреварување, моделот на промоција и испаѓање, како и други технички аспекти.
Од Федерацијата нагласуваат дека ќе се земат предвид интересите на клубовите, но и финансиската стабилност на екипите, развојот на младите фудбалери и генералниот напредок на македонскиот фудбал.
Оваа најава претставува дел од пошироките напори на ФФМ за модернизација и унапредување на натпреварувачкиот систем, кој треба да обезбеди подобри услови за клубовите и поголем интерес кај навивачите.