Француските безбедносни служби предупредуваат дека земјата мора да биде подготвена за можни подиректни и понасилни непријателски дејства на своја територија, во услови на засилено хибридно војување и странско мешање низ Европа.
Директорката на француската Генерална дирекција за внатрешна безбедност (DGSI), Селин Бертон, како пример го посочи неодамнешното откривање експлозивна направа во близина на украински товарен авион на аеродромот во Лајпциг, Германија. Аеродромот претставува значаен логистички центар за транспорт на воена опрема кон Украина.
„Откривањето во Лајпциг е предупредување дека мора да ја земеме предвид можноста за директни и понасилни непријателски дејства на наша територија“, порача Бертон на собир на бизнис-лидери во Париз.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно изјави дека властите интензивно работат на утврдување кој стои зад неуспешниот напад. Засега одговорноста не е официјално припишана на ниту една страна.
Бертон не ја обвини директно Русија за случајот во Лајпциг, но оцени дека заострувањето на рускиот став претставува една од главните причини за загриженост на француските безбедносни служби.
Според неа, од 2022 година Франција бележи драматично зголемување на случаите на странско мешање. Таа ги спомена симболичните провокации, како исцртувањето Давидови ѕвезди на објекти во Париз, како и дезинформациски кампањи за кои француските власти тврдат дека се поврзани со руски мрежи.
Бертон предупреди дека ваквите активности претставуваат дел од она што таа го опиша како „почеток на војна“, иако не станува збор за класичен воен конфликт.
Според неа, тоа не е физичка или конвенционална војна и не мора официјално да биде признаена како таква, но веќе вклучува различни форми на напади и притисоци насочени кон Франција.







