Француското Министерство за надворешни работи денеска испрати јасна порака до Израел со повик да се повлече планот за изградба на илјадници нови станови на Западниот Брег, оценувајќи го проектот како „тешко кршење на меѓународното право“.
Портпаролот на министерството нагласи дека Франција „најостро ја осудува“ одлуката за изградба на 3.400 станбени единици во регионот познат како Е1 – едно од најконтроверзните подрачја на окупираната територија, пренесе Times of Israel.
Меѓународната заедница со години предупредува дека ваквиот проект директно го загрозува формирањето на независна палестинска држава, со Источен Ерусалим како нејзин главен град. Со спроведување на планот, Западниот Брег би бил физички пресечен на половина, со што би се прекинал континуитетот на палестинските територии.
Израелскиот министер за финансии Бецалел Смотрич, познат по екстремно десничарските ставови, минатата недела најави дека изградбата ќе започне наскоро. Тој отворено изјави дека со реализацијата на овој проект „ќе биде закопана“ идејата за создавање палестинска држава.
Со ова предупредување, Франција се приклучи на низата држави и организации кои бараат Израел да го стопира проектот, оценувајќи дека истиот дополнително ќе ја зголеми нестабилноста во регионот и ќе ја уништи можноста за идни мировни преговори.