Ноќта во Украина повторно изгледаше како хорор-филм. Малку по полноќ, небо осветлено од дронови и ракети го разбуди Кијив, а експлозиите се слушаа речиси непрекинато. Домови гореа, облаци од чад го прекриваа градот, а жителите панично се обидуваа да стигнат до засолишта.
Според последните информации, најмалку 6 лица се убиени, а повеќе од 14 се повредени, меѓу кои и дете. Спасувачите целиот ден копаат по урнатини барајќи преживеани.
Украинските власти соопштија дека Москва извршила масовен комбиниран напад – „Шахед“ дронови и ракети „Кинжал“ го таргетирале главниот град и уште неколку региони. Повеќекатни згради се целосно уништени, а делови од Киев останаа без струја и вода.
Градоначалникот Кличко потврди дека во неколку населби избија големи пожари и дека луѓе можеби се заробени под урнатини. Најтешка е ситуацијата во Печерскиот и Днипровскиот округ, каде цела зграда се запали од директен удар.
Украинската амбасадорка во земјава, Лариса Дир, порача дека ова е „вистинскиот одговор на Русија на напорите за мир“ и дека теророт врз цивилите не запира.
Во меѓувреме, воздухопловните сили издадоа ново предупредување – опасноста од нов ракетен бран сè уште не е помината.














