Вистинска драма се случила во Салцбург, каде двајца бугарски државјани се осомничени за обид за кражба од фирма што се занимава со автомобилски гуми и опрема. Наместо добро испланиран бегалски потег, целата акција завршила со паника, бегство и докази оставени директно пред очите на полицијата.
Според информациите, двајцата мажи, на возраст од 45 и 48 години, пристигнале со микробус и почнале да товараат гуми и други автомобилски делови, што укажува дека не станувало збор за случаен обид, туку за акција подготвувана однапред. Но, нивниот план брзо се распаднал кога биле забележани од сведоци, кои веднаш ја известиле полицијата.
Само кусо време подоцна, на местото пристигнале полициски екипи, по што осомничените набрзина избегале. Во целата мешаница, зад себе не оставиле само дел од стоката, туку и микробусот со кој дошле.
Токму таму, при увидот, истражителите пронашле гуми, акумулатори и други автомобилски делови, но и најважното – документи што можат директно да ги откријат лицата поврзани со случајот. Според досегашните сомнежи, можно е украдената стока да била подготвена за понатамошна нелегална продажба.
Иако потрагата била веднаш започната, двајцата сè уште не се приведени. Австриските власти продолжуваат со истрагата и проверуваат дали зад овој случај стои поширока мрежа за кражба на автомобилска опрема.
Случајот привлече големо внимание во јавноста, најмногу поради апсурдниот развој на настаните – осомничените побегнале, но зад себе оставиле траги што можат лесно да ги одведат право до нив.










