Утрово околу 11:40 часот по локално време, руската армија изврши воздушен напад врз градот Харкив со т.н. „клизна бомба“, при што загина едно лице, а најмалку 12 беа повредени, меѓу нив и едно дете, информираа локалните власти.
Мета на нападот била болница во Индустрискиот округ. Бомбата го пробила покривот на објектот, нанесувајќи сериозни оштетувања, а оштетена била и соседна станбена зграда. Четири лица се хоспитализирани поради сериозни повреди.
Гувернерот на регионот, Олег Синегубов, потврди дека ова е уште еден во низата засилени руски воздушни удари врз Харкив, град кој се наоѓа на нешто повеќе од 20 километри од руската граница.
Нападот следува само еден ден по претходен сличен удар на 24 јули, кога две клизни бомби погодија станбена зграда, при што беа повредени над 40 лица.