Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, по вчерашниот кризен штаб ги повика жителите и општествено одговорните компании да се приклучат во справувањето со пожарот што веќе три дена беснее на планината Готен.
Пожарникарите и вработените во Јавното претпријатие „Национални шуми“ се веќе исцрпени од долгата битка со огнените јазици, па затоа е потребна дополнителна помош од локалното население и компаниите. Акцијата има за цел да го спречи ширењето на пожарот кон околните села Владимирово, Мачево и Русиново.
Во официјалниот апел, објавен од Општина Берово, се повикуваат сите жители кои можат, доброволно да се вклучат во гаснењето на пожарот.
- „Ве повикуваме утре, 26.07.2025 година, со почеток во 5:00 часот, масовно да се собереме пред зградата на Шумското стопанство Берово и да помогнеме во акцијата. Со себе задолжително понесете мотика или гребло, вода и храна за денот. Вашата солидарност и храброст се клучни за заштитата на шумите, животната средина и безбедноста на сите нас,“ стои во соопштението.
Пожарот е активен веќе девет дена и се шири на териториите на општините Василево, Радовиш и Берово. Во гаснењето учествуваат пожарникари, вработени во „Национални шуми“, локално население, специјализирани возила, како и ер трактори и хеликоптери.
Апелот до граѓаните е повик за солидарност и заедничка борба против огнената стихија која ја загрозува природата и безбедноста на регионот.