ПРВ.мк
Свет

Трамп со остри предупредувања: „Миграцијата ја уништува Европа, а ветерниците ја убиваат природата“

Трамп со остри предупредувања: „Миграцијата ја уништува Европа, а ветерниците ја убиваат природата“
Escape

Американскиот претседател Доналд Трамп од Шкотска испрати две силни пораки до Европа – остро го нападна ширењето на ветерната енергија и предупреди на, како што ја нарече, „разорната инвазија“ преку миграцијата.

По неговото слетување во Глазгов, Трамп јасно порача: „Оваа имиграција ја уништува Европа. Ако не ја сопрете, нема да остане Европа каква што ја познаваме.“ Но тука не застана – со иста жестина ја нападна и ветерната енергија, барајќи итен прекин на проектите за изградба на турбини. „Тие ги уништуваат прекрасните полиња и долини, убиваат птици и го нарушуваат морскиот екосистем“, изјави тој, алудирајќи на личната битка што ја води со години против ветерниците близу неговите голф-терени во Шкотска.

Неговата критика доаѓа во момент кога британската влада, под водство на премиерот Кир Стармер, најавува масовни инвестиции во обновливи извори на енергија, особено ветерот.

Покрај политичките изјави, Трамп се наоѓа во Шкотска и од деловни причини – планира отворање на нов терен за голф во близина на Абердин, именуван „МекЛеод“, по моминското презиме на неговата мајка која потекнува од Шкотска.

Но неговото европско патување добива и дипломатска тежина. Утре, Трамп ќе се сретне со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, а веќе во понеделник и со британскиот премиер Кир Стармер. Главна тема: спречување на воведувањето на најавените 30% царини на европски производи од 1 август.

Трамп најави дека е можно постигнување договор и потенцираше дека ако Европската унија го отвори својот пазар за американските производи, царините може да се намалат. „Тоа би бил најголемиот договор досега“, изјави тој, додавајќи дека шансите за договор се 50:50.

Во меѓувреме, синдикати и организации ширум Шкотска организираат протести против неговата посета, со настани најавени во Единбург и Абердин. Официјална државна посета е планирана и за септември, кога Трамп и неговата сопруга Меланија ќе бидат примени од кралот Чарлс III и кралицата Камила во замокот Виндзор.

Додека Европа се подготвува за нови енергетски и безбедносни предизвици, Трамп не само што повторно ја тресе политичката сцена – туку и се поставува како клучен глас во глобалната дебата за иднината на Стариот континент.

Mia Home Mavrovo