Претседателот на Јужна Кореја, Ли Џе-Мјунг, ја номинираше Хан Сеонгсук за нов премиер на земјата, соопшти денеска претседателскиот кабинет.
Доколку нејзината номинација добие поддршка во парламентот, Хан ќе стане првата жена премиер на Јужна Кореја во последните две децении.
Хан Сеонгсук моментално ја извршува функцијата министерка за мали и средни претпријатија и стартап компании, а претходно беше извршен директор на јужнокорејскиот интернет гигант „Навер“.
Според началникот на кабинетот на претседателот, Канг Хун-сик, таа ќе има клучна улога во трансформацијата на земјата во областа на вештачката интелигенција и новите технологии.
„Хан ќе може да го претвори економскиот раст на Јужна Кореја, поттикнат од развојот на полупроводничката индустрија и растот на извозот, во поинклузивен раст што ќе ги опфати сите слоеви на општеството, вклучително и малите и средните претпријатија“, изјави Канг на прес-конференција.
Во политичкиот систем на Јужна Кореја, функцијата премиер има претежно административна и церемонијална улога, додека извршната власт е концентрирана кај претседателот.










