Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров испрати сериозно предупредување до Западот, велејќи дека Европа активно се подготвува за нова голема војна. Говорејќи на Меѓународната конференција за евроазиска безбедност во Минск, тој остро ги осуди „агресивните планови на Западот“, ширењето на НАТО, и милитаризацијата на Европа, наведувајќи дека Русија нема да дозволи Евроазија да стане „феуд на НАТО“, пренесува РИА Новости.
Според Лавров, Алијансата го шири своето воено влијание и во Арктикот и во Тихиот Океан, со цел да ја изолира Русија и да ја спречи Кина во нејзиниот растечки глобален подем. „Ние никогаш не сме имале намера да нападнеме ниту една членка на НАТО или на ЕУ. Подготвени сме тој став да го внесеме во идните безбедносни гаранции за регионот, но лидерите на Европската Унија не сакаат да разговараат за тоа на вистински колективна основа,“ изјави Лавров.
Тој како доказ за милитаризацијата на Европа ги посочи договорите меѓу Франција и Велика Британија за координација на нуклеарните сили, како и воената соработка меѓу Лондон и Берлин, за кои вели дека покажуваат дека Европа не бара мир, туку се подготвува за конфронтација.
Во својот говор, рускиот министер ја изнесе идејата за создавање нова безбедносна архитектура на Евроазија – „панконтинентална структура отворена за сите земји“, заснована врз суверена еднаквост и неделивост на безбедноста. Според него, за разлика од Западот, Русија, Кина, Индија, Иран и земјите од ЗНД се залагаат за стабилност, рамноправност и заеднички просперитет, наместо за доминација на неколку привилегирани држави.
Осврнувајќи се на војната во Украина, Лавров ги обвини европските членки на НАТО дека ја продолжуваат војната со „пумпање оружје и пари во Киев“, наместо да го поддржат мирот. Тој тврдеше дека европските лидери го убедуваат Вашингтон да не седне на преговарачка маса, бидејќи не сакаат дипломатско решение на конфликтот.
Интересен момент во говорот беше кога Лавров се наврати на договорите меѓу претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп, постигнати на самитот во Алјаска, посочувајќи дека Москва сè уште се надева дека САД ќе ги почитуваат тие принципи.
Шефот на руската дипломатија исто така откри дека Русија предложила обновување на директниот воздушен сообраќај со САД, но дека Вашингтон не покажал интерес. Дополнително, Москва сè уште чека одговор на својот предлог за нов Договор за намалување на стратешкото вооружување, како и реакција на тестирањето на руските ракети „Буревестник“.
„Не добивме никаков одговор преку дипломатските канали – сите молчат,“ заклучи Лавров, испраќајќи јасна порака дека Русија нема да молчи ако безбедноста на Евроазија биде загрозена.
Не дознавај последен – читај ПРВ.мк















