Европските држави подготвија сопствена верзија на мировниот план за Украина – документ кој директно му парира на предлогот на Доналд Трамп и носи драматични нови правила за иднината на војната и безбедноста на Европа. Според откривањата на „Ројтерс“, европскиот предлог оди чекор подалеку со тоа што вклучува моќни американски безбедносни гаранции, слични на легендарниот Член 5 од НАТО, со кој напад врз една држава се смета како напад врз сите.
Во документот се предвидува НАТО формално да се обврзе дека во мирно време нема да држи постојани бази или свои трупи на украинска територија. Истовремено, украинската армија би можела да брои најмногу 800.000 војници – значително повеќе од горната граница од 600.000 што ја предложи Трамп.
Европа бара и финансиска правда: Украина да биде обесштетена, а рускиот имот замрзнат на Запад да остане блокиран сè додека Москва не ја плати воената штета.
Еден од најконтроверзните делови е дека Европа предлага Киев да не ги враќа окупираните територии со сила, туку спорот да се решава преку преговори за размена на земји. Почетната основа би биле актуелните линии на фронтот.
Предлогот завршува со барање Украина што побрзо да организира избори откако ќе се потпише мировниот договор – чекор што Западот го гледа како клучен за стабилизирање на земјата по четири години војна.
















