Доналд Трамп во одлична здравствена состојба, соопшти Белата куќа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се наоѓа во одлична здравствена и когнитивна состојба и е целосно способен да ги извршува обврските на лидер на државата, се наведува во соопштението од Белата куќа по неговиот редовен систематски преглед извршен во петокот.
Според лекарот на Белата куќа, Шон Барбеле, прегледот покажал дека Трамп, кој во моментот на прегледот имал 78 години, е во стабилна физичка форма и ментално здрав. Тоа го прави највозрасен претседател во историјата на САД кој се подложил на ваква детална здравствена евалуација.
Трамп по завршувањето на прегледот изјави дека е задоволен од резултатите и нагласи дека на когнитивниот тест успешно одговорил на сите прашања. „Имам добро срце и добра душа, навистина добра душа“, додаде поранешниот претседател.
Прегледот траеше околу пет часа, по што Трамп се упати кон Флорида со претседателскиот авион „Air Force One“.
Претходно, неговите здравствени предизвици вклучуваа покачен холестерол, розацеа и зголемена телесна тежина. Според здравствениот извештај од 2018 година, Трамп користел лек „росувастатин“ за намалување на холестеролот, чија доза била зголемена поради покачени вредности.
Дополнително, користел и „финастерид“ за спречување на губење коса, како и за третман на проблеми со простатата. Во неговата редовна терапија влегувале и дневни дози аспирин за превенција на срцеви заболувања, мултивитамини, како и крема со „ивермектин“ за третирање на кожната состојба розацеа.