Украина и Русија на заеднички состанок во Анкара – разговори за безбедноста на Црното Море
Украински и руски претставници ќе седнат на иста маса следната недела во Анкара, каде што, според извори од турското Министерство за национална одбрана, ќе се разговара за безбедносните услови и стабилноста во регионот на Црното Море.
Состанокот е закажан за 15 и 16 април и ќе се одржи во Командата на поморските сили на Турција. Според турскиот CNN, на состанокот ќе присуствуваат воени претставници од двете земји, кои ќе разгледуваат конкретни воени планови за зачувување на мирот и слободата на пловидба во стратегиски значајното подрачје.
Веста за иницијативата за мировни разговори доаѓа во екот на ескалацијата – истиот ден кога Русија изврши балистички напад врз украинскиот град Суми. Во нападот, според официјалните информации, загинале најмалку 30 лица, а повредени се над 80.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, веднаш упати повик до меѓународната заедница да изврши засилен притисок врз рускиот претседател Владимир Путин, посочувајќи дека Русија намерно го одолговлекува конфликтот и ја саботира секоја иницијатива за мир.