Велики четврток: Денот кога се вапцуваат велигденските јајца и се чуваат вековни обичаи
Денеска е Велики четврток – денот кога традиционално се вапцуваат велигденските јајца. Се наоѓаме во средината на Страдалната седмица, која според христијанското верување е исполнета со настани од клучно значење за спасението на човештвото.
Главниот обичај поврзан со денешниот ден е токму вапцувањето на јајцата. Според традицијата, прво се бојат три јајца: едното за Господ – познато како „Господово јајце“, второто за домаќинот, а третото за здравје на стоката и бериќет. Особено место има првото јајце – „јајцето првак“, за кое се верува дека има посебна магиска сила. Се чува пред иконата, се користи за лекување, за заштита од несреќи и природни непогоди, и често останува свежо и по неколку години.
Според обичајот, јајцата ги бојадисува домаќинката уште пред изгрејсонце. Се верувало дека ако се вапсаат подоцна, ќе се расипат. Пред да започне, таа мора да вкуси барем залак леб – вапсувањето на гладно срце се сметало за лош знак, дури и опасен.
Во многу краеви низ Македонија, првото јајце се става во сито и се закачува на дирек од куќата, спроти изгрејсонцето. Во ситото понекогаш се додаваат и жито, срп или други симболи за плодност и благосостојба. Се покрива со црвен појас или ткаенина – бојата на животот и заштитата.
По ритуалот, домаќинката го зема јајцето првак и пред изгрејсонце, уште додека децата се во постела, им го минува по лицето трипати, изговарајќи: „Црвено, бело, дебело“ или „Црвено, бело, здраво и живо“ – за да бидат здрави, со румени образи и среќен живот.