ПРВ.мк

Орбан ја забрани “Парадата на гордоста”: Унгарија ги усвои уставните измени

Орбан ја забрани “Парадата на гордоста”: Унгарија ги усвои уставните измени

Унгарскиот парламент во понеделникот изгласа нови уставни измени предложени од владејачката популистичка партија Фидес, предводена од премиерот Виктор Орбан, кои директно се насочени против ЛГБТК+ заедницата. Измените предвидуваат законско зацврстување на забраната за одржување на Паради на гордоста, како и официјализирање на определбата дека „луѓето можат да бидат само машки или женски пол“.

Се очекуваше амандманите лесно да поминат, бидејќи Фидес располага со двотретинско мнозинство во парламентот, поддржано и од пратеници од крајната десница.

Еден од клучните амандмани се потпира на закон донесен на 18 март, со кој се забранува одржувањето на годишната парада на гордоста – потег што граѓанскиот сектор го оцени како грубо кршење на слободата на собирање.

„Нема да дозволиме ‘woke’ идеологијата да им се наметнува на нашите деца“, изјави Орбан уште во март, бранејќи ги овие рестрикции.

Vero

Дополнително, новите уставни измени го дефинираат концептот на „права на детето“, при што се наведува дека „физичкиот, менталниот и моралниот развој на детето има предност над сите други основни човекови права – освен правото на живот“.

Орбан, одговарајќи на протестите поради измените, додаде: „Нормалните луѓе како нас се под постојан притисок и провокација, бидејќи луѓето со нетрадиционално сексуално однесување се искажуваат на улиците“.

Опозицијата алармира – граѓански организации најавуваат отпор

Во обид да го спречи гласањето, опозициската партија „Моментум“ се обиде да го блокира парламентот, предупредувајќи дека Унгарија се движи кон автократија според моделот на Владимир Путин.

Орбановата влада последниве години користи сѐ поагресивни методи за потиснување на критиките, вклучително и кон независните граѓански организации, под изговор дека тие работат за странски интереси и ја поткопуваат државата.

Хелсиншкиот комитет на Унгарија, водечка организација за човекови права, најави протест по изгласувањето на измените, истакнувајќи дека ова претставува „значителна ескалација на напорите на владата да го замолчи несогласувањето и да ја ослаби заштитата на човековите права“.

Организации како Унгарската унија за граѓански слободи и Амнести Интернешнал ја повикаа Европската комисија да покрене постапка против унгарската влада, предупредувајќи дека уставните измени и новите закони претставуваат сериозно прекршување на вредностите и правото на Европската Унија.

Agria