ПРВ.мк

Гордана Сиљановска – Давкова: Поддршка за најстариот македонски планинарски клуб „Љуботен“

Гордана Сиљановска – Давкова: Поддршка за најстариот македонски планинарски клуб „Љуботен“

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова, одржа средба со претставници на Планинарскиот клуб „Љуботен“ по повод стогодишнината од постоењето на овој клуб, најстар во земјава.

На средбата се разговараше за значајните активности и мисијата на клубот, кој со вековна традиција претставува симбол на љубовта кон природата и планините, особено кон Шар Планина. Претставниците на клубот ги презентираа досегашните проекти, но и планираните настани за 2025 година — традиционалното искачување на Титов Врв, ноќното летно искачување на Љуботен, младинскиот камп во Вратница и планинската трка.

Претседателката ја истакна важноста од грижата за природата, нагласувајќи дека таа не е само лична или локална обврска, туку национална должност. „Заштитата на животната средина е обврска кон идните генерации, кои имаат право на здрава и убава средина, како едно од основните човекови права,“ рече Сиљановска – Давкова.

Средбата помина во духот на поддршка и афирмација на здравиот животен стил, планинарењето и еколошката свест, а стогодишнината на ПК „Љуботен“ беше препознаена како симбол на упорност, љубов кон татковината и почитување на природното богатство.

Vero
Agria