ПРВ.мк
Свет

ЕУ започнува преговори за укинување на роаминг трошоците за Западен Балкан

ЕУ започнува преговори за укинување на роаминг трошоците за Западен Балкан

Европската Унија утре во Брисел ќе одржи состанок на Работната група за проширување и земји кандидати за членство, каде ќе се разгледува предлогот на Европската комисија за укинување на дополнителните трошоци за роаминг за Западен Балкан. Ова значи дека граѓаните од регионот би можеле да користат мобилни услуги во ЕУ по иста цена како дома.

По завршување на преговорите, граѓаните од Западен Балкан ќе можат да се јавуваат, да испраќаат СМС-пораки и да користат интернет во Европа без дополнителни трошоци, додека граѓаните на ЕУ ќе имаат истите придобивки кога патуваат во Западен Балкан.

Сепак, ова не значи автоматско вклучување во програмата „Роаминг како дома“ – ЕУ ќе склучи билатерални договори со секоја земја, а од нив се очекува да ги следат стандардите за квалитет и брзина на мобилните мрежи и да овозможат бесплатен контакт со службите за итни случаи.

Програмата „Роаминг како дома“ ЕУ ја воведе во јуни 2017 година, а во јули 2025 година беа проширени придобивките и за Молдавија и Украина.