Турција традиционално се позиционира како посредник помеѓу Истокот и Западот, одржувајќи дипломатски односи и со Европската Унија и со државите од Блискиот Исток. Дури и во спорот меѓу САД и Иран, Анкара повеќе пати се обидела да преземе посредничка улога – без успех. Вашингтон не можел да се откаже од нападите, а Техеран не ја промени својата позиција.
Во најновите изјави на турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан се чувствува одредена доза фрустрација по дипломатските напори во изминатите години: „Војната можеби само е одложена“, изјави Фидан, споменувајќи го телефонскиот разговор кој го имал со Вашингтон уште крајот на јануари.
„Ме повикаа среде ноќ. Веднаш сфатив колку сериозна е ситуацијата и итно го информирав претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Тоа беа многу мрачни моменти. Секој момент очекувавме избијање на војна или прв напад“, додаде Фидан.
Сложен конфликт со повеќе ризици Турција се плаши дека војната во Иран би можела брзо да прерасне во поширок регионален конфликт, кој би го зафатил целиот регион. Турција со Иран дели граница долга околу 530 километри и е загрижена за хуманитарните, економските и политичките последици.
Турција моменталниот конфликт го гледа како сложен со повеќе ризици. Економски, се плаши од дополнителен раст на веќе високата инфлација, можни проблеми со снабдување со енергија и загуби во туризмот. Политички, Анкара е загрижена за можни промени на односите на моќ во Блискиот Исток, како и за можноста за повторно избијaње на судири со вооружените курдски групи.
Поради ракетните напади во Иран и јужен Либан, Анкара исто така мора да смета на можен нов бран бегалци од двете земји.
Уздржаност на НАТО членката Турција До сега, Иран не нападнал ниту воена база Инџирлик, која активно ја користат американските сили, ниту радарскиот центар на НАТО во анадолскиот Кюреджик. Една балистичка ракета била пресретната од НАТО системот за противвоздушна одбрана, но Иран потенцирал дека Турција не била цел на нападот. Според извори блиски до турската влада, станува збор за ракета која застанала од курсот.
Турција засега останува неутрална и од почетокот на војната ја засили дипломатската активност со САД, ЕУ и земјите од Персискиот залив, повикувајќи ги сите страни да се вратат на преговарачкиот стол пред конфликтот дополнително да се прошири.
Сепак, овие посреднички напори моментално не даваат резултати, велат експерти, и Турција ја гледа својата дипломатија како подготовка за момент кога ќе може да ги доведе застрашените страни за преговарачки стол како рамноправни партнери.
Анкара се наоѓа во дилема: колапсот на режимот во Техеран би можел да предизвика неконтролиран хаос во непосредното соседство, додека ојакнување на режимот би можело да донесе нови политички неизвесности и конфликти.
Етнички тензии и курдски конфликт Постои загриженост дека САД би можеле да користат курдски сили како копнени единици во Иран, што буди голема загриженост во Анкара. Иако Радничката партија на Курдистан (ПКК) се смета за поразена во Турција, наоружувањето на иранските курдски милитанти може да создаде нова динамика во регионот и да го загрози процесот на приближување меѓу турската држава и Курдите.
Нов бран бегалци? Турција во војната во Сирија веќе прими милиони бегалци, и покрај сопствените економски проблеми. Сега се обидува да го спречи повторувањето на таков сценарио со евентуални бегалци од Иран. Постојат планови за приемни кампови на иранската страна на границата, а изградбата на граничен ѕид кон Иран е значително забрзана.
Сепак, ниту владата ниту експертите во овој момент не очекуваат нагло зголемување на бројот на бегалци. Доколку сепак дојде до масовно бегство, се очекува тоа да не бидат само ирански државјани – повеќе од два милиони авганистански бегалци кои моментално живеат во Иран исто така би можеле да се упатат кон западот.
Твит на Урсула фон дер Лајен предизвика бес Твит на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дополнително ги поттикна дискусиите за можни нови миграции кон Турција. Во него, таа јасно го пофалила Ердогановиот пристап за справување со миграциските предизвици.
Многумина Турци тоа го протолкувале како сигнал дека ЕУ повторно сака да ја претвори Турција во „заштитна држава“ или „чувар на вратата“, кој по секоја цена треба да го запре потенцијалниот бегалски бран од Иран за да Европа остане поштедена.
Фактот што претседателката на Европската комисија нагласено ја истакнала соработката во управувањето со миграциите го подгреа стравувањето за можни тајни уступки на Анкара, кои би ја претвориле Турција во крајна дестинација за милиони луѓе кои бараат заштита.


















