Во синагога во белгискиот град Лијеж рано утринава одекнала експлозија, која предизвикала значителна материјална штета и веднаш активирала голема полициска истрага.
Според информациите од локалната полиција, експлозијата се случила околу четири часот наутро. За среќа, во инцидентот нема повредени лица, но оштетувањата на објектот се видливи. Како што пренесуваат белгиските медиуми, искршени се прозорците на предниот дел од зградата на синагогата, а штета е пријавена и на прозорците од објектите што се наоѓаат на спротивната страна од улицата.
Од полицијата информираат дека улицата каде што се случил инцидентот ќе остане затворена додека трае истрагата. Воедно е воспоставена и безбедносна зона во непосредна близина на синагогата, со цел да се обезбеди местото и да се спречат дополнителни ризици.
Случајот го истражува одделот за борба против тероризам при федералната судска полиција во Лијеж, која работи на утврдување на сите околности околу експлозијата и можните мотиви зад настанот.
Градоначалникот на Лијеж остро го осуди инцидентот, нарекувајќи го „насилен чин на антисемитизам“. Тој истакна дека е недозволиво конфликти и тензии од други места да се пренесуваат во градот, нагласувајќи дека ваквите напади се неприфатливи и мора сериозно да се истражат.


















