Во Италија е прогласен црвен метео аларм во шест градови поради екстремно високи температури кои достигнуваат до 40°C, објави агенцијата АНСА. Градовите Болоња, Болцано, Бреша, Фиренца, Перуџа и Торино се меѓу првите на удар, а викендов се очекува топлотниот бран да го достигне врвот.
Италијанското Министерство за здравство предупредува дека утре ќе биде активен црвен аларм во дури 13 градови. Метеорологот Антонио Сано предвидува дека во Фиренца, Ферара и Терни температурите ќе се искачат до 40°C, додека во Милано и Рим до 39°C. Особено загрижува тоа што ноќите ќе останат "тропски", со минимални температури над 25°C.
Сано вели дека овој топлотен бран би можел да ги надмине рекордите поставени за време на историската жештина од 2003 година. Антициклонот што го предизвикува ова време ќе остане активен најмалку 10 дена, со нов, уште посилен пик во недела, на 29 јуни. Олеснување од пеколот се очекува дури по 2 јули.