ПРВ.мк
Свет

Двајца починаа од маларија во Германија: Се истражува како шест работници на ист аеродром се заразиле

Двајца починаа од маларија во Германија: Се истражува како шест работници на ист аеродром се заразиле

Германските здравствени власти истражуваат исклучително редок случај на таканаречена „аеродромска маларија“ на аеродромот во Франкфурт, откако шестмина вработени се заразиле, а двајца од нив починале.

Се претпоставува дека заразени комарци пристигнале во Германија со авион од подрачје каде што маларијата е присутна. Случаите првпат биле откриени во јули, а истрагата сега ја води Здравствената служба на Франкфурт.

На аеродромот се поставени специјални стапици за комарци. Фатените инсекти ќе бидат лабораториски анализирани за да се утврдат нивниот вид и можното потекло.

Според информациите што ги пренесува Би-Би-Си, заразени се шестмина мажи кои работеле на различни позиции и во различни делови од аеродромот. Се анализираат и примероци од нивната крв за подобро да се утврди начинот на кој дошло до инфекциите.

Здравствените власти нагласуваат дека ризикот за населението во Франкфурт се оценува како многу низок. Маларијата вообичаено не се пренесува директно од човек на човек, туку преку каснување од заразени комарци.

Од операторот на аеродромот „Фрапорт“ соопштиле дека вработените се информирани за ситуацијата и им е препорачано да побараат лекарска помош доколку забележат симптоми.

Институтот „Роберт Кох“ претходно информирал дека четворица работници се разболеле меѓу 4 и 6 јули. Во Германија маларијата речиси секогаш се регистрира кај лица кои претходно престојувале во земји каде што болеста е ендемска, поради што случаи на локален пренос поврзани со аеродром се исклучително ретки.

Последен ваков случај на „аеродромска маларија“ во Франкфурт бил регистриран во 2023 година.

Маларијата е паразитска инфекција што ја пренесуваат одредени видови комарци. Болеста може да се превенира и лекува, но доколку не биде навреме дијагностицирана, може да предизвика тешка клиничка слика и да биде опасна по живот.