ПРВ.мк

Дури 313 амандмани поднесени на Извештајот за Македонија

Дури 313 амандмани поднесени на Извештајот за Македонија

На Предлог-извештајот на известувачот на Комитетот на надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент за С.Македонија, Томас Вајц, европратениците доставија вкупно 313 амандмани. Повеќето од нив дообјаснуваат или дополнуваат некои делови од документот, но има и такви со кои во извештајот се вметнуваат нови содржини или оценки.

Така, како што јави дописникот на МИА од Брисел, европратениците Емануил Фрагос и Галато Александрики од екстремно десничарската и националистичка партија Грчко решение (ЕЛ), предлагаат „Замена на зборовите „Република Северна Македонија“ со зборот „Скопје“ во текстот на целата Резолуција“.

Бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од партијата Има таков народ (ИТН) на Слави Трифунов предлага во воведниот дел на Извештајот по алинејата 4 „Имајќи ги предвид заклучоците на Европскиот совет од 19-20 јуни 2003 година, вклучително и неговиот анекс насловен „Солунската агенда за Западен Балкан: Движење кон европска интеграција“, да се додаде алинеја 4а која би гласела „Имајќи го предвид Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, потпишан на 1 август 2017 година и ратификуван во јануари 2018 година“.

Известувачот Вајц како алинеја 4а го предлага текстот „Имајќи го предвид Самитот во Софија од 10 ноември 2020 година, вклучително и Декларацијата за заедничкиот регионален пазар и Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан“, додека либералните европратеници Ден Барна од Сојузот спас на Романија (УСР), Урмас Пает од Естонската реформска партија (ЕР), Петрас Ауштревичиус од литванското Либерално движење (ЛС) и Луција Јар од Прогресивна Словачка (ПС) заеднички предлагаат во тој дел од извештајот да се вметне алинејата „Имајќи ја предвид Декларацијата од Брисел на Самитот на ЕУ за Западен Балкан од 18 декември 2024 година“.

Vero

Европратеникот Тајс Ројтен од холандската Лабуристичка партија (ПВДА) предлага додавање на алинеја 19а која би гласела „Имајќи го предвид постојаното признавање на македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ“.

Алинеја 19а предлага и бугарскиот европратеник Валчев, но таа, според него, би требало да гласи: „Имајќи ги предвид заклучоците на Европскиот совет од 18 јули 2022 година“, како и 19б – „Имајќи го предвид Протоколот од втората седница на Мешовитата меѓувладина комисија формирана според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедски односи и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија одржан на 17 јули 2022 година“.

<strong>Точка Б и причините за блокада на европскиот пат </strong>

Европратеникот на бугарската националистичка партија Преродба, Станислав Стојанов предлага замена на точката Б, која наместо „Со оглед на тоа што аспирациите на граѓаните на Северна Македонија да станат дел од ЕУ доведоа до значителен напредок во однос на демократијата и социо-економските реформи, додека процесот на пристапување продолжува да доживува блокади од различни неоправдани причини“, според него, би требало да гласи „Со оглед на тоа што аспирациите на граѓаните на Северна Македонија да станат дел од ЕУ продолжуваат да доживуваат назадување поради недоволната политичка волја на земјата да ги спроведе договорените обврски“.

Измена на оваа точка предлага и Валчев со чиј амандман се предвидува наместо „додека процесот на пристапување продолжува да доживува блокади од различни неоправдани причини“, да стои „додека процесот на пристапување во ЕУ продолжува да се соочува со пречки поради непријателската реторика на политичкото раководство во земјата и недостигот на политичка волја за преземање и спроведување на потребните реформи потребни за продолжување на процесот“.

И либералната четворка Барна, Пает, Ауштревичиус и Јар предлагаат замена на овој дел од точката со текст „додека процесот на пристапување продолжува да доживува жални одложувања поради различни причини“.

Пратеникот Себастијан Тинкинен од десно популистичката Партија на Финците (ПС), пак, предлага бришење на делот од точката Б по зборовите „демократијата и социо-економските реформи“, без воопшто споменување на блокадата и причините за неа.

Валчев има поднесено и амандман за додавање точка Б-а, која би гласела „Со оглед на тоа што изнаоѓањето заеднички наратив за заедничката историја е неопходната основа врз која Бугарија и Северна Македонија треба да ги градат своите односи, и дека односот меѓу идните генерации на Северна Македонија и Бугарија ќе биде одраз на образовните процеси во двете земји“.

<strong>Точка Ц и надворешната политика на Северна Македонија </strong>

Амандмани се доставени и за измена на Точката Ц од извештајот која гласи: „Со оглед на тоа што Северна Македонија е доверлив партнер, целосно усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“.

Самиот автор на Извештајот, Вајц предлага нејзина замена со следното: „Со оглед на тоа што Северна Македонија е партнер, целосно усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и игра конструктивна улога во регионот“.

Валчев меѓутоа предлага Точката Ц да гласи: „Со оглед на тоа што неодамнешното воздржување на Северна Македонија од Резолуцијата EС-11/7 на Генералното собрание на ОН за Украина и нејзиното коспонзорство на алтернативна резолуција предводена од САД укажува на неочекувана и жална промена во усогласувањето на нејзината надворешна политика, што предизвикува загриженост за нејзината посветеност на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, а според Стојанов, оваа Точка треба да гласи само „Со оглед на тоа што Северна Македонија е важен партнер“.

И Барна, Пает, Ауштревичиус и Јар предлагаат измена на Точката Ц со исфрлање на зборот „целосно“ и додавање „во огромното мнозинство на случаи“ на крајот од текстот.

Ројтен предлага вметнување на Точка Ц-а која би гласела „При што Северна Македонија го склучи Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, како и Точка Ц-б – „Со оглед на тоа што Северна Македонија соодветно го спроведе Договорот од Преспа, вклучително и преку измена на нејзиниот Устав и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“.

<strong>Точка Д и уставните измени, странското мешање и македонскиот јазик и идентитет </strong>

Измена на Точката Д: „Со оглед на тоа што Северна Македонија треба да ги усвои неспроведените уставни измени за да можат брзо да започнат пристапните преговори“ предлага авторот на извештајот Вајц.

Со амандманот на Вајц се предлага оваа точка да гласи „Со оглед на тоа што Северна Македонија треба да ги усвои неспроведените уставни измени, во согласност со нејзините заложби, за да можат веднаш да започнат пристапните преговори“.

Но, Валчев смета дека Точката треба да гласи: „Со оглед на тоа што од Северна Македонија се бара да ги усвои неспроведените уставни измени, вклучувајќи го и признавањето и вклучувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот како официјална етничка група, со цел да се олесни брзиот почеток на пристапните преговори“, а европратеникот Андреј Ковачев од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ): „Со оглед на тоа што Северна Македонија треба да постигне видливи резултати во исполнувањето на своите обврски од Преговарачката рамка на ЕУ и заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, вклучително и да ги усвои неспроведените уставни измени, за да може брзо да започнат пристапните преговори“.

Од друга страна холандскиот европратеник Ројтен предлага Точката Д да гласи: „Со оглед на тоа што Европскиот совет донесе нови заклучоци во јули 2022 година, што значи дека Северна Македонија треба да ги усвои неспроведените уставни реформи за да може брзо да се заврши фазата на отворање на пристапните преговори“, како и додавање на Точка Д-а: „Со оглед на тоа што властите на Северна Македонија предложија решенија за уставни промени кои не ги исполнуваа условите од заклучоците на Советот од јули 2022 година“.

Амандмани за вметнување на Точка Д-а со идентична содржина: „При што ЕУ постојано го демонстрираше своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“ поднесоа Вајц и претседавачот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер од Христијанско демократската унија (ЦДУ).

Либералниот „квартет“ Барна, Пает, Ауштревичиус и Јар предлага дополнителната Точка Д-а да гласи: „Со оглед на тоа што геополитичките промени, војната во Украина, дезинформациите и погрешни информации имаат силно влијание врз сите европски земји и политички и економски“, додека Ројтен предлага Точка Д-а со содржина: „Со оглед на тоа што Советот не го исклучи недвосмислено поставувањето на натамошни нови услови за почеток на пристапните преговори“.

Дополнителна точка Д-а предлага и Валчев, која според него би требало да гласи „Со оглед на тоа што во моментов пристапниот процес и неговото темпо целосно зависат од македонската Влада и од Собранието“, но и кипарскиот пратеник Јоргос Георгиу од левичарската Прогресивна партија на работниот народ (АКЕЛ): „Со оглед на тоа што од секоја земја кандидат за членство се очекува да ги почитува демократските вредности, владеењето на правото и човековите права и да го почитува правото на ЕУ“.

Ковачев, исто така, предлага Точка Д-а: „Со оглед на тоа што Владата на Република Северна Македонија се согласи дека следната Меѓувладина конференција со ЕУ за затворање на фазата на стартот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ ќе се одржи по влегувањето во сила на амандманите на Уставот на Република Северна Македонија со кои ќе се вклучат и оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и преку Уставниот закон за нивна имплементација, како што е наведено во Вториот протокол на Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија“, но и Д-б: „Со оглед на тоа што Владата на Република Северна Македонија, согласно член 11 став 5 од Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, ја потврди заложбата дека ништо во нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да се заштитат статусот и правата на лицата кои не се државјани на Република Северна Македонија“.

Европратениците Матје Вале, Жордан Бардела и Пјер-Ромен Тионе од францускиот екстремно десничарски Национален собир (РН) предлагаат три дополненија на Точката Д – Д-а: „Со оглед на тоа што проширувањето веќе целосно не ги зема предвид критериумите за економска строгост или политичка стабилност како што е пропишано со Копенхашките критериуми; со оглед на тоа што Копенхашките критериуми се суштински за заштита на вредностите, стабилноста и безбедноста на Унијата и нејзините граѓани“, Д-б: „Со оглед на тоа што проширувањето е процес заснован на заслуги поврзани со демократијата, владеењето на правото и основните права; при што земјите од Западен Балкан се уште се далеку од исполнување на овие критериуми“ и Д-ц: „Со оглед на тоа што ИПА III, Инструментот за претпристапна помош за периодот 2021-2027 година, обезбедува 14,2 милијарди евра за поддршка на реформите и социо-економскиот развој во Западен Балкан и Турција“.

Европратеничката Естер Лакош од унгарската конзервативна Партија на почитта и слободата (ТИСА), исто така, предлага вметнување неколку дополнувања на точката Д поврзани со странско, пред се руско, мешање и влијание, меѓу кои и Д-а која би гласела: „Со оглед на тоа што Северна Македонија останува цел на операции за странско малигно влијание, особено од Руската Федерација и, во помала мера, од Народна Република Кина, кои имаат за цел да ги поткопаат нејзините демократски институции, да ја запрат нејзината интеграција во ЕУ и да ја намалат довербата во трансатлантската заедница“, Д-б: „Со оглед на тоа што само во периодот од јануари до септември 2023 година, аналитичарите документираа стотици написи за дезинформации на интернет насочени кон Северна Македонија, а многу од нив ги повторуваа наративите на Кремљ“ и Д-ц: „Со оглед на тоа што значителен дел од руските дезинформации што се консумираат во Северна Македонија се пренесуваат преку таблоиди и медиуми на српски јазик, кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и имаат значително влијание врз македонската публика поради јазичната и културната блискост“.

<strong>Поддршка на македонската кандидатура за членство во ЕУ, но и предлози за нејзино одбивање </strong>

Амандмани се доставени и на член 1 од Извештајот со кој Европскиот парламент „ја повторува својата целосна поддршка за желбата на Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ“, при што најголемиот дел од предложените измени се надополнувања поврзани со пораки за спроведување на неопходните реформи и исполнување на критериумите за членство или манифестирање на политичка волја.

Сепак, има и такви кои предлагаат замена на целиот член, како на грчките европратеници Фрагос и Александрики: „ја повторува важноста од прекин на пристапните преговори со Скопје“ или на Валчев: „ги признава аспирациите на Северна Македонија за пристапување кон ЕУ и целосно го поддржува продолжувањето на нејзиниот пристапен процес, штом се исполнат неопходните претходно договорени реформи и услови“.

Тројцата европратеници од францускиот Национален собир на Марин ле Пен, пак, предлагаат замена на овој член со текстот: „цврсто ја отфрла желбата на Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ, како и секое понатамошно проширување на ЕУ, бидејќи земјите кандидати, особено од Западниот Балкан се уште се далеку од исполнувањето на критериумите за политичка, економска и социјална стабилност наведени во Копенхашките критериуми, со постојана политичка нестабилност, широко распространета корупција и постојан организиран криминал. што претставува значителен ризик за сигурноста и безбедноста на европските граѓани“.

Поднесени се предлози за измени и на членот 2 со кој ЕП „Потсетува на потребата да се задржи моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција; забележува дека Северна Македонија продолжува да демонстрира посветеност на интеграцијата во ЕУ и усогласувањето со политиките на ЕУ; повикува на брзо унапредување на пристапните преговори, притоа истакнувајќи ја важноста од усвојување на усогласените уставни амандмани; ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, кои би го зајакнале мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзале нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“.

Холандскиот европратеник Ројтен со амандман бара почетокот на членот да гласи „Потсетува на потребата и Европската Унија и Северна Македонија да вложат максимални напори за одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција“, како и по зборовите „усогласените уставни амандмани“ да се вметне нова алинеја: „Го повикува Европскиот совет да обезбеди јавна и недвосмислена поддршка за Северна Македонија и дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за почеток на пристапните преговори по исполнувањето на условите од неговите заклучоци од 18 јули 2022 година, со целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет“.

Европратениците Барна, Пает и Ауштревичиус предлагаат замена на делот од членот „притоа истакнувајќи ја важноста од усвојување на усогласените уставни амандмани“ со текстот „и притоа целосно признавајќи ги македонскиот идентитет и јазик, ја истакнува потребата од усвојување на усогласените уставни амандмани“. Измена на истиот дел од членот иницира и Вајц, предлагајќи тој да гласи: „притоа истакнувајќи ја важноста од усвојување на уставните амандмани и целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет“.

Мекалистер предлага замена на делот од членот „мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзале нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“ со „мултиетничкиот карактер на земјата; верува дека зајакнувањето на врските меѓу повеќе етнички групи е од суштинско значење за подобрување на социјалната кохезија, обезбедување поефикасно владеење и за забрзување на напредокот на земјите кон членство во ЕУ“.

Неколкумина бугарски европратеници предлагаат вметнување на содржини со кои се споменува потребата од „внесување на Бугарите во Уставот“ и „почитување на правата на припадниците на бугарското малцинство“, додека Грците Фрагос и Александрики бараат целосна замена на овој член со текстот: „Забележува дека Скопје, на ниту еден начин, не ги презел неопходните чекори за пристапување кон ЕУ и усогласување со европската надворешна политика; повикува на итен прекин на пристапните преговори“.

Целосна замена на членот предлагаат и тројцата пратеници од француската екстремна десница, кои сметаат дека тој треба да гласи: „Предупредува на слепото промовирање на мултикултурализмот во Северна Македонија што би придонело за фрагментација на земјата со овозможување на пограничните малцинства да се поврзуваат со нивната татковина; повторува дека унитарната форма на „северномакедонска држава“ мора да остане неспорна“.

<strong>Одново за уставните измени, но и за билатералните блокади  </strong>

Со заеднички амандман на девет бугарски европратеници од различни политички партии и на Томислав Сокол од ХДЗ, се предлага вметнување на нов член 2а, кој би гласел: „Потсетува дека Владата на Република Северна Македонија се согласува следната Меѓувладина конференција со ЕУ за затворање на фазата на старт на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ ќе се одржи по стапувањето во сила на амандманите на Уставот на Република Северна Македонија со кои ќе се вклучат и оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, вклучително и на Уставниот закон, согласно внатрешната процедура за спроведување на Уставот“.

Нов член 2а предлага и холандскиот социјалдемократ Ројтен и тоа со содржина: „Го поздравува успешното завршување на скрининг процесот за Северна Македонија на крајот на 2023 година; повикува на премин во следната фаза од преговорите без понатамошно одлагање“.

Европратениците од Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Карло Реслер и Давор Иво Стиер, исто така предлагаат вметнување на член 2а, кој би гласел: „Истакнува дека постојните билатерални прашања никогаш не треба да го попречуваат напредокот заснован на заслуги на европскиот пат или да ги надминуваат пошироките стратешки интереси на Унијата, туку тие треба да се решат преку отворен дијалог и вистинска соработка; подвлекува дека пристапните преговори треба да следат јасен пат, водени од објективни критериуми и единствено засновани на заслуги“.

Тие предлагаат и член 2б: „Ја потврдува важноста од недвосмислено признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на земјата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во извештаите и официјалните документи на нејзината земја, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Договорот од Преспа; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е основна компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества што дополнително ќе се афирмира со пристапувањето во семејството на европските народи“.

Свој член 2а предлагаат и грчките екстремни десничари Фрагос и Александрики, кој според нив, би требало да гласи: „Забележува дека зборовите „Македонија“, „македонски“ и нивните деривати се дел од грчката историја повеќе од два милениуми“.

За Планот за раст, реформите, борбата против корупцијата, општествената поларизација, правата…   

Доследни на своите политички ставови, тројцата пратеници од партијата на Ле Пен предлагаат отфрлање „на новиот Инструмент на ЕУ за реформи и раст на Западниот Балкан“, кој е дел од Планот за раст на Европската комисија за регионот.

Со останатите амандмани, меѓу другото се повикува на „целосна имплементација на Охридскиот договор“, зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформи на судството и администрацијата, намалување на политичката поларизација на општеството, ограничување на употребата на механизмот „европско знаменце“ при носењето закони, промена на Изборното законодавство согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, заштита на правата на новинарите и медиумските слободи, справување со ширењето дезинформации, странско влијание и говор на омраза, почитување на човековите и правата на малцинствата, пред се Ромите и припадниците ЛГБТИ+ заедницата, на децата и на лицата со посебни потреби, родовата еднаквост и ограничување на родово базираното насилство, справување со илегалната миграција, реформи во безбедносниот и разузнавачкиот сектор, заштита на животната средина и намалување на загадувањето, изградбата на транспортните коридори, регионалната соработка, имплементација на Договорот од Преспа и Спогодбата за добрососедство со Бугарија…

Дополнително бугарските европратеници предлагаат и амандмани во Извештајот кои се однесуваат на „зголемена дискриминација на граѓаните на Северна Македонија кои се идентификуваат како Бугари“, како и на регистрирањето на бугарски здруженија во земјава и создавањето „климата на непријателство кон Бугарија“ и ширењето „говорот на омраза кон бугарската заедница“.

Европратеникот Ковачев и Хрватите, Реслер и Стиер со заеднички амандман предлагаат и вметнување на член 20б во Извештајот со кој се „повикува Република Северна Македонија да го измени својот Устав за да ги вклучи етничките заедници со црногорски, хрватски и бугарски идентитет и во Преамбулата и сите други релевантни негови членови, поврзани со правата на заедниците“.

Со заеднички амандман на бугарски, хрватски и чешки пратеници од редовите на десницата се предлага и член 34а: „Изразува длабока загриженост за т.н. проект „Српски свет“ и поради тоа што претставници на Владата на Северна Македонија отворено се залагаат, промовираат и работат на имплементација на овој концепт; го осудува тоа што во јануари 2025 година на денот на Свети Сава во Скопје во присуство на владини претставници на Србија, Република Српска од БиХ и Северна Македонија се одржа состанок за промовирање на тој концепт; го осудува учеството на Владата на Северна Македонија на „Сесрпското собрание“ под слоганот „Еден народ, едно собрание“ во Белград на 8 јуни 2024 година и присуството на вицепремиерот Иван Стоилковиќ на „Комеморативниот собир за жртвите на НАТО“ во Белград на 25 март; го осудува учеството на состаноци кои се обидуваат да воспостават сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на земјата и стабилноста на регионот“.

<strong>Кочани </strong>

Реслер и Стиер предлагаат и вметнување на член 5а поврзан со трагедијата во Кочани, кој би гласел: „Ја изразува својата срдечна солидарност со народот на Северна Македонија по трагичниот инцидент во ноќниот клуб на 16 март 2025 година, изразувајќи сочувство на жртвите и нивните семејства и давајќи им поддршка на нацијата во ова тешко време“.

Амандмани поврзано со настанот во Кочани предлагаат и други европратеници, но како нов член 28а. Така, Кипранецот Георгиу предлага тој да гласи: „Ја изразува својата длабока тага и солидарност со народот на Северна Македонија по разорниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, во кој беа загубени 59 животи, а над 150 лица беа повредени. Овој трагичен настан ги истакна критичните прашања во врска со јавната безбедност и усогласеноста со регулативата. Ги признаваме брзите активности преземени од властите на Северна Македонија, вклучително и приведувањето на лица осомничени за корупција и иницирањето на национални инспекции на места за забава за да се обезбеди почитување на безбедносните стандарди“.

Според либералните европратеници Барна, Пает, Ауштревичиус и Јар, пак, новиот член 28а би требало да гласи: „Со длабока тага го нотира трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани, кој доведе до смрт на повеќе од 50 млади луѓе, а над 150 други беа повредени; ја поздравува брзата употреба на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и помошта што ја даваат земјите членки за спасување на што е можно повеќе животи; ги повикува македонските власти да ги направат сите потребни истраги и процедури за да ги изведат одговорните лица пред лицето на правдата и исто така да ја ажурираат и темелно да ја спроведат легислативата за да се спречат слични трагедии и да се обезбеди безбедноста на граѓаните“.

Вајц, од друга страна, предлага вметнување на член 35а поврзан со Кочани со содржина: „Изразува длабоко сочувство до жртвите и нивните семејства во трагедијата во Кочани, каде што беа загубени 59 животи, а над 150 лица, главно тинејџери и млади луѓе, беа повредени во пожар во ноќен клуб на 15 март 2025 година; повикува на темелна и транспарентна истрага за инцидентот и одговорните да бидат повикани на одговорност за да се обезбеди значајна одговорност; ги повикува сите политички актери да се воздржат од искористување на оваа трагедија за политичка корист и топло ја поздравува непосредната поддршка и солидарност што ја покажаа соседните и земјите од ЕУ, особено Грција и Бугарија, за давање медицински третман на жртвите“.

Изјаснувањето по предложените амандмани и по самиот Предлог-извештај за земјава од страна на членовите на АФЕТ е предвидено за 13 мај.

Agria