Драматични сцени се одвивале во регионот Харков откако руски беспилотни летала погодиле патнички воз со речиси 300 патници. Според украинските власти, нападот бил извршен со дронови од типот „Шахед“, при што еден од ударите се случил непосредно пред локомотивата, а друг погодил вагон, предизвикувајќи пожар.
Украинскиот вицепремиер Олексиј Кулеба соопшти дека во моментот на нападот во возот се наоѓале 291 лице. Двајца патници се здобиле со повреди и веднаш биле пренесени во болница. Тој нападот го оцени како отворен чин на терор насочен кон цивилното население.
По инцидентот, сите патници биле безбедно евакуирани, а на местото на настанот интервенирале противпожарни екипи, спасувачи и специјализирани тимови на Украинската железница. За патниците бил организиран алтернативен превоз со автобуси за да можат да го продолжат патувањето.
Ова не бил единствениот напад во текот на денот. Руските сили извршиле уште еден дрон напад во Сумската област, каде што, според првичните информации, загинале две лица додека се обидувале да ја напуштат окупираната зона.
Украинските власти повторно апелираат до меѓународната заедница за посилна поддршка и заштита на цивилната инфраструктура, нагласувајќи дека ваквите напади претставуваат сериозна закана за безбедноста на цивилите.

















