Поплавена вода од дождовите, отворени дупки, кал по тротоарите и возила паркирани без никаков ред – вака изгледа дворот на Кичевската болница, состојба која, според граѓаните, трае со години, а во последниот период станала уште полоша.
Секојдневно, пациенти, посетители и медицински персонал се соочуваат со небезбедни услови при влез и излез од болницата, особено по обилни врнежи кога просторот се претвора во калливо и тешко проодно подрачје. Снимките од терен ја прикажуваат запуштеноста на болничкиот двор, кој, и покрај значењето на установата, е оставен без соодветно уредување.
Од менаџментот на Општата болница во Кичево информираат дека проблемот е препознаен и дека веќе се преземаат активности за подобрување на состојбата. Според директорката Маја Цветановска Трајковска, започнато е уредување на паркинг-просторот зад одделението за интерна медицина, но работите биле привремено прекинати поради лошите временски услови.
Таа најавува дека напролет ќе продолжат интервенциите, со што најголем дел од недостатоците ќе бидат санирани. Во меѓувреме, започнато е и воведување ред во сообраќајот со поставување рампа на влезот, со цел подобра организација на паркирањето.
Инаку, проектот за новата болница во Кичево, кој со децении стоеше незавршен, официјално е стопиран. Надлежните најавуваат изградба на целосно нова болница на друга локација, од самиот почеток.

















