Силното невреме што ја зафати југоисточна Македонија предизвика сериозни поплави и големи материјални штети, особено во струмичкиот регион. Најтешка е состојбата во селото Костурино, каде надојдените води за кратко време однеле цели стада – загинале над 120 овци и повеќе од 100 јагниња.
Поројните дождови доведоа до излевање на реката Тркања, при што под вода завршија големи површини земјоделско земјиште, пластеници и дворови во селата Сачево и Муртино. Земјоделците со часови се бореа со водата, обидувајќи се да спасат барем дел од посевите и опремата.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека состојбата во текот на денот постепено се смирува. Водостојот на реките Струмица и Тркања е во опаѓање, но на некои места сè уште има задржување на вода. На терен интервенираше тешка механизација – булдожери, багери и камиони со песок, со цел спречување на дополнителни штети.
Зголемено ниво е забележано и кај реката Плаваја во селото Подареш, но по навремена интервенција, опасноста од излевање е отстранета. Надлежните служби уверуваат дека водостоите во источниот регион се под постојан надзор.
Во исто време, од Македонија пат предупредуваат на зголемен број одрони на патиштата и апелираат до возачите да се движат со зголемена внимателност.

















