Голем корупциски скандал ја потресе Унгарија, откако истражителите пронајдоа готовина во вредност од над 17,5 милиони евра, закопана во шуми и скриена во различни објекти низ земјата.
Парите биле откриени за време на дводневна полициска операција во Будимпешта и уште три унгарски окрузи, во рамките на истрага против поранешниот министер за национален развој Миклош Шестак, кој бил дел од владата на Виктор Орбан.
Според официјалните информации, биле пронајдени повеќе од пет милијарди форинти, околу 2,6 милиони евра и 1,2 милиони американски долари.
Готовината била скриена на необични места – закопана во шуми, во земјоделски објекти, магацини, станбени простории и сефови на тајни локации.
Поранешниот министер Шестак, кој беше приведен кон крајот на септември, е осомничен за примање поткуп и незаконски провизии во вредност од над 37 милиони долари, поврзани со набавка на автобуси и државни градежни проекти. Тој ги негира обвинувањата.
Размерите на откритието биле толку големи што 12 службеници од државната каса броеле пари цели осум часа, користејќи пет машини за броење банкноти.
Новиот унгарски премиер Петер Маѓар, чија партија Тиса го победи Фидес на изборите во април, остро реагираше по откритието.
„Од денес Виктор Орбан е докажан мафијашки шеф. Падна мафијашкиот шеф, а Фидес е криминална организација“, напиша Маѓар на социјалните мрежи.
Станува збор за политичко обвинување на премиерот, а не за судски утврдена вина на Орбан.
Од друга страна, Орбан претходно ги оцени истрагите против неговите поранешни соработници како политички прогон.
Истрагата продолжува, додека унгарските власти најавуваат понатамошни активности за откривање корупција и злоупотреба на државни средства.










