ПРВ.мк
Свет

Силна порака: Европа е наш избор, а не откажување од себе

Силна порака: Европа е наш избор, а не откажување од себе

Милатовиќ: Европскиот пат не значи откажување од идентитетот на Црна Гора

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, порача дека пристапувањето на земјата во Европската Унија не претставува откажување од националниот идентитет, туку негово зачувување преку вредностите на слободата, демократијата и владеењето на правото.

Говорејќи на свечен прием во Цетиње по повод Денот на државноста, Милатовиќ истакна дека европската интеграција е природно продолжение на историскиот пат што Црна Гора го избрала уште пред многу децении.

На свеченоста присуствуваа и претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, како и европската комесарка за проширување, Марта Кос.

Милатовиќ нагласи дека за граѓаните на Црна Гора Европа претставува начин на живот заснован на слобода, достоинство и почитување на човековите права, а не промена на нивниот национален идентитет.

Тој потсети дека Црна Гора го одбележува Денот на државноста на 13 јули, датум што симболизира два значајни историски настани – меѓународното признавање на државата на Берлинскиот конгрес во 1878 година и почетокот на антифашистичкото востание во 1941 година.

Црна Гора моментално е најнапредната земја кандидат за членство во Европската Унија и има цел да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2026 година, со амбиција да стане полноправна членка на Унијата до 2028 година.