Војната против Иран, која ја водат САД и Израел, во последните денови доминира во светските медиуми, а нејзините последици се чувствуваат и далеку од регионот – вклучително и во Украина, пишува Deutsche Welle (DW).
Австрискиот воен историчар Маркус Рајснер предупредува дека фокусот на Западот врз новиот конфликт може да ја постави Украина во втор план. „Украина би можела да биде турната на маргините. Во најлош случај тоа би значело уште помалку ресурси, на пример ракети за противвоздушна одбрана ‘Патриот’“, изјави Рајснер.
Ихор Семиволос од Киевскиот Центар за блискоисточни студии додава дека долготрајниот конфликт би можел да доведе до недостиг на клучна воена опрема за Украина и да ја направи Западната поддршка поподложна на компромиси.
Една од најочигледните последици веќе се гледа на енергетските пазари – цените на нафтата и гасот растат, што директно оди во корист на Русија. Цената на нафтата Brent на 3 март надмина 80 долари за барел, делумно поради блокадата на Ормускиот теснец.
Сепак, експертите предупредуваат дека Русија и покрај ова не може целосно да го надомести влијанието на санкциите и дека конфликтот открива и нејзини слабости – таа не може да ѝ помогне на Иран како претходно.
Украина, од друга страна, може да извлече некоја корист од ситуацијата. Со искуството во пресретнување на ирански дронови, Киев би можел да ја поддржи безбедноста во земјите од Персискиот Залив и да добие нова финансиска и политичка поддршка за својата одбрана.
















