ПРВ.мк
Свет

ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА КАЈ СЕУТА: Спречен нов масовен обид за илегален влез - ова е бројот на приведени лица!

ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА КАЈ СЕУТА: Спречен нов масовен обид за илегален влез - ова е бројот на приведени лица!

Најмалку 111 лица се уапсени во Мароко по обиди да стигнат до шпанската енклава Сеута во Северна Африка, додека властите од двете страни на границата преземаат засилени безбедносни мерки поради стравувања од нов масовен обид за преминување.

Според извор од мароканското Министерство за внатрешни работи, меѓу приведените има 109 мигранти од супсахарска Африка и двајца марокански државјани. Тие биле приведени во Фнидек и околните подрачја, во непосредна близина на границата со Сеута.

Шпанската агенција ЕФЕ јавува дека мароканските безбедносни сили употребиле солзавец за да растераат групи мигранти кои се собирале на ридовите на околу три километри од границата. На терен биле распоредени стотици припадници на безбедносните служби, вклучително и полицајци опремени за сузбивање нереди.

Засилени се и контролите на патиштата, каде што се поставени дополнителни пунктови со цел да се спречи пристигнување на поголеми групи кон северот на земјата.

Во исто време, Шпанија дополнително го обезбедува подрачјето на Сеута. Војници се распоредени и околу супермаркети, додека полицијата ги засили патролите низ главните улици.

Мадрид поставил и поморска бариера, а во енклавата биле испратени повеќе од 500 дополнителни полицајци од континенталниот дел на Шпанија. Со тоа бројот на полициски службеници распоредени во Сеута надминал 1.600.

Мароканските власти претходно предупредија дека на социјалните мрежи се шират пораки со непознато потекло со повици за масовно преминување на границата. Тие порачаа дека организаторите и учесниците во вакви обиди ќе бидат кривично гонети.

Слична ситуација се следи и околу другата шпанска енклава во Северна Африка – Мелиља. Тамошните власти, според локалните медиуми, спречувале групи во Казабланка, Фес и Кенитра да патуваат кон северот, додека дел од мигрантите се обидуваат да ги избегнат контролите користејќи планински патишта.

Ситуацијата засега е помирна во споредба со периодот по масовниот обид за преминување на 30 јули, но големиот број распоредени безбедносни сили покажува дека Мароко и Шпанија стравуваат од нов организиран обид за влез во Сеута.

Сеута и Мелиља се единствените територии на Европската Унија што се наоѓаат на африканскиот континент. Нивните граници со Мароко со години се едно од главните жаришта на миграциските кризи и дипломатските тензии во регионот.