На јужниот тревник на Белата куќа следната година ќе се одржи првиот UFC настан во мешани боречки вештини, објави „Волстрит џурнал“.
Првично, борбата беше планирана за 4 јули 2026 година, по повод 250-годишнината на САД, но е поместена за јуни. Настанот ќе биде придружен со повеќедневни фестивали на Националниот мол, со активности за јавноста и забавни програми.
Директорот на UFC, Дана Вајт, минатата недела се сретнал со американскиот претседател Доналд Трамп и добил одобрение за одржување на борбата. „Борбата во Белата куќа е потврдена“, напиша Вајт на социјалните мрежи, додавајќи дека ова ќе биде историски настан за организацијата.
Покрај натпреварите за мажи и жени, на програмата ќе има официјални мерења, прес-конференции кај Меморијалот на Линколн и други пригодни активности за фанатиците на спортот.