Пет новинари, меѓу кои и главниот уредник на популарниот руски онлајн медиум „База“, се уапсени во рамките на истрага за протекување на полициски информации, јавија руските медиуми.
„База“ е Телеграм канал со над 1,6 милиони следбеници, основан во 2019 година и познат по објавување на ексклузивни информации, наводно добиени преку контакти во полицијата.
Утрово редакцијата била претресена, а полицијата го посетила домот на главниот уредник Глеб Трифонов, кој од тогаш не е достапен, како и други новинари во редакцијата. Адвокатот Алексеј Михалчик потврди дека биле запленети документи и компјутери, а од петте уапсени лица, двајца подоцна биле ослободени.
Рускиот истражен комитет отвори случај за „злоупотреба на положбата на полицајците“ кои наводно нелегално пренесувале ограничени информации, што подоцна биле објавени на еден Телеграм канал, без да го именува каналот.
Истражни активности се извршени во неколку региони: Московски, Краснодарски, Краснојарски и Белгородски.
Портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Ирина Волк, изјави дека во истрагата се уапсени и неколку полицајци.