Актуелниот американски претседател Доналд Трамп категорично ги демантираше тврдењата дека ја охрабрувал Украина да ја гаѓа Москва, истакнувајќи дека такво нешто не доаѓа предвид. Според напис на „Фајненшл Тајмс“, повикувајќи се на анонимни извори, Трамп наводно прашал дали Украина може да изведе напад на руската престолнина со оружје со долг дострел добиено од САД. Но, на директно новинарско прашање, Трамп беше јасен: „Не, тој не смее да ја гаѓа Москва.“
Изјавата доаѓа во период кога Трамп најави построга политика кон Русија. Тој објави нова рунда воена помош за Украина, но и постави рок од 50 дена до Москва да седне на маса за договор, во спротивно, следуваат нови, засилени санкции.
На прашањето на чија страна е во конфликтот, Трамп одговори: „Не сум на ничија страна, јас сум на страната на човештвото. Сакам да се прекинат убиствата.“
Тој оцени дека рокот од 50 дена е доволен за да се постигне напредок во преговорите, но предупреди дека ако тоа не се случи, последиците за Русија ќе бидат сериозни.
Со ваквите пораки, Трамп се обидува да ја балансира поддршката за Украина со пораки за разумност и глобален мир, но и да изврши притисок врз Русија во период кога војната сè уште трае без видлив исход.