ПРВ.мк
Свет

„Ни рекоа дека итно мора да излеземе“: Патник ја опиша драмата во авионот во Сплит

„Ни рекоа дека итно мора да излеземе“: Патник ја опиша драмата во авионот во Сплит

Патниците на летот на „Ер Србија“ од Сплит кон Белград биле евакуирани во неделата попладне, откако 75-годишен патник на персоналот му кажал дека во авионот има бомба, а потоа навел дека се шегувал.

Инцидентот се случил непосредно пред планираното полетување во 15:20 часот. Еден од патниците, Винко Пајиќ, раскажал дека сите веќе биле качени во авионот и дека сè изгледало нормално.

Набргу потоа забележал двајца униформирани полицајци како влегуваат во леталото, придружувани од уште неколку лица. Полицајците му пришле на повозрасен маж кој седел во предниот дел од авионот и го извеле надвор.

Пајиќ потоа ја прашал стјуардесата што се случува, а таа му објаснила дека патникот го спомнал зборот „бомба“ и дека сите ќе мора итно да го напуштат авионот.

Според неговото сведоштво, од изведувањето на 75-годишникот до почетокот на евакуацијата поминале околу десет минути. Пилотот ги известил патниците дека мора да го напуштат леталото, по што тие еден по еден излегле и со автобус биле однесени на безбедно растојание.

Сплитско-далматинската полиција потврди дека 75-годишниот патник бил уапсен. Според полициското соопштение, околу 15:25 часот тој му кажал на персоналот дека во авионот има бомба, по што изјавил дека станувало збор за шега.

По инцидентот биле преземени безбедносни мерки, а авионот, патниците и нивниот багаж требало повторно да бидат прегледани пред продолжувањето на патувањето.

Околу 18:45 часот патниците повторно биле качени во авионот. Пајиќ изјавил дека ги слушале безбедносните упатства и дека очекуваат наскоро да полетаат.