ПРВ.мк
Црна Хроника

Куфер полн со марихуана и 20 уапсени: Голема полициска акција низ Македонија

Куфер полн со марихуана и 20 уапсени: Голема полициска акција низ Македонија

Во координирани полициски акции спроведени од 2 до 4 октомври низ повеќе градови во Македонија, лишени од слобода се 20 лица, меѓу кои и двајца странски државјани од Полска и Чешка, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Припадниците на МВР, преку Работниот тим – Task Force, постапувале во вкупно 13 случаи поврзани со недозволена трговија со дрога. Биле извршени претреси и прегледи на лица, возила, домови и други простории, при што биле запленети различни видови наркотични средства.

Една од поголемите заплени била на подрачјето на СВР Струмица. Во еден случај полицијата пронашла и одзела 59 стебла марихуана со вкупна тежина од околу 680 килограми. Во друг случај бил откриен голем патнички куфер полн со марихуана.

Во Скопје, при претреси на три локации кои ги користело едно лице, биле пронајдени осум кеси со околу 800 грама марихуана. Лицето било приведено.

Акција била спроведена и на подрачјето на СВР Велес. При претрес на дом и преглед на лице, според МВР, биле одземени 29 помали кеси со вкупно 15 грама кокаин, 14 грама кафеавкаста материја и околу 5.000 евра.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал извршил претреси на уште четири локации. Во овие активности биле приведени две лица, а полицијата пронашла околу 200 грама кокаин, 505 милилитри масло од хашиш и 4,58 грама марихуана.

Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави и дека засилените активности против недозволената трговија со дрога ќе продолжат.