ПРВ.мк
Црна Хроника

Дино ги прокоцкал парите собрани за лекување на тешко болната сопруга – судот му изрече затворска казна

Дино ги прокоцкал парите собрани за лекување на тешко болната сопруга – судот му изрече затворска казна

Дино Љутиќ (42) од Хрватска е неправосилно осуден на три и пол години затвор за измама и перење пари во случајот со хуманитарната акција организирана за лекување на неговата тешко болна сопруга Ана-Марија.

Општинскиот кривичен суд во Загреб му наложил и да уплати 579.720 евра во државниот буџет. Во изречената затворска казна ќе му бидат пресметани и седумте месеци што претходно ги поминал во истражен затвор.

Случајот е поврзан со хуманитарната акција „Храбра жена сака да живее“, започната во 2019 година со цел да се обезбедат средства за лекување на Ана-Марија, која боледувала од рак на дојка со метастази.

Граѓаните масовно се вклучиле во акцијата, при што биле собрани повеќе од 4,3 милиони куни, односно околу 580.000 евра.

Според обвинението, од ноември 2019 до јуни 2020 година, Љутиќ префрлал дел од собраните средства на сметки поврзани со приредувачи на игри на среќа. Финансиското вештачење покажало дека значителни суми минувале преку сметки поврзани со коцкање.

Дел од средствата потоа повторно биле префрлани на неговата приватна сметка, што обвинителството го квалификувало како перење пари.

Пред судот, Љутиќ изразил каење и се извинил на јавноста. Тој раскажал дека по тешката болест на сопругата се соочувал со несоница, анксиозност и депресивност и дека онлајн игрите на среќа првично му претставувале начин да избега од тешката реалност. Неговата сопруга во меѓувреме починала.

Психијатрискиот вештак проценил дека во периодот кога биле сторени делата Љутиќ не бил зависник од коцкање, туку имал склоност кон оваа штетна навика.

Пресудата од три и пол години затвор не е правосилна и може да биде предмет на жалбена постапка.