Шести ден беснеат жестоки напади меѓу Израел и Иран. Денеска израелската армија нападна воени цели во главниот град на Иран, Техеран, а Иран возврати со дронови и хиперсонични ракети од типот „Фатах“.
Во истиот момент кога израелската војска (ИДФ) објави дека пресретнала два дрона кај Мртвото Море, иранската Револуционерна гарда нареди итна евакуација на Тел Авив. Иранската новинска агенција „Мехр“ потврди дека е лансирана ракета „Фатах“, која достигнува брзина од над 6.100 км/ч, што е повеќе од петпати побрзо од звукот.
Според ИДФ, нападите врз Техеран биле насочени кон воени објекти, а иранската агенција „Фарс“ јави за експлозии во Карај и предградијата на Техеран, додека западни медиуми пренесуваат дека густ чад се издигнува од неколку делови на градот.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац, изјави дека воздушните сили го уништиле седиштето на внатрешната безбедност на Иран – институција која ја нарече „раката на угнетувањето на диктаторскиот режим“.
Во нападот, според иранската државна телевизија, погодено било и подрачје во близина на објект на Црвената полумесечина.